Мени

Продолжува отстранувањето на летните бавчи и угостителската опрема во Куманово (видео)

13.01.2026 12:12 | KumanovoNews

Продолжува акцијата за отстранување на времените објекти и угостителската опрема, која е нелегано поставена на јавни површини во Куманово.

Како што беше најавено од надлежните општински служби, акцијата, која започна пред празниците во централното градско подрачје со објектот на „Ирски паб“, продолжи и овој месец.

„Во моментот сопствениците ја отстрануваат летната бавча на угостителскиот објект „Ла Вита“. Решение за отстранување имаат и објектите на Градскиот плоштад и во поранешната касарна во Бедиње. Сите угостителски објекти кои зафаќаат јавно-прометна површина, а немаат дозвола за поставување урбана опрема согласно законот, ќе бидат отстранети“, велат од Општина Куманово.

Оттаму додаваат дека во Куманово има околу дваесетина угостителски објекти со нелегално поставена урбана опрема, а нивното отстранување ќе се спроведува по приоритет. Доколку тоа не го сторат сопствениците ќе биде ангажирана фирма од општината. За таа намена, во буџетот за 2026 година, општината предвидела четири милиони денари, односно околу 65 илјади евра.

Граѓаните се поделени околу тоа дали објектите треба целосно да се отстранат или да им се даде можност да го прилагодат своето работење согласно законските прописи, но единствени се во ставот дека во оваа акција не смее да има привилегирани и дека не треба да им се гледа низ прсти на оние кои се блиски до локалната власт. Само така ќе докажат дека искрено сакаат да стават ред во оваа значајна стопанска гранка во градот. 

Продолжува отстранувањето на летните бавчи и угостителската опрема во Куманово (видео)