×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Продолжува уништувањето на црквата во Матејче, арамиите ги доизвадиле оловните плочи од кровот

    30.01.2022 10:41 | Сузана Николиќ

    Нема кој да ја заштити црквата „Успение на Пресвета Богоридица“ во манастирскиот комплекс Матејче во Општина Липково, па продолжува нејзиното уништување. Иако уште пред еден месец беше пријавено дека крадци го вадат оловото од кровот, ни црквата ни државата не преземаа ништо да го обезбедат објектот, па арамиите се вратиле да ја довршат работата и да го украдат она што останало. 

    Продолжува уништувањето на црквата во Матејче, арамиите ги доизвадиле оловните плочи од кровот

    Ловџиите, кои и минатиот пат ја открија и алармираа за кражбата, истото го виделе и утринава.

    „Го извадиле оловото и на вториот свод, останало само на куполата. Таму каде што не можеле лесно да ги откорнат плочите ги ваделе со копач. Уште им стои скалата на која се качувале, ја врзале со јаже за да не им падне. Ќе се вратат да ја довршат работата, нема кој да им смета“, велат револтирано ловџиите, кои ни ги пратија сликите. 

    Тие ќе го пријават случајот во полиција, но се сомневаат дека нешто ќе се преземе, бидејќи така било и минатиот пат.

    „Прашуваме јавно како може надлежните институции и полицијата да го игнорира дивеењето на поединци и да не преземат ништо да го заштити културното наследство на државата. Локалната и шумската полиција знаат кој оперира на тоа подрачје, а може да направи проверка и по складовите за отпат и да се најде оловото. Секојдневно се зборува за меѓуетнички соживот и толеранција, почитување на различните култура, но за овој свето место тоа не важи“, вели нашиот соговорник од црквениот одбор.

    Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е изградена 1362 година, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14 век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил кој што бил карактеристичен за епохата на Палеолозите.

    Црквата е еден од најзначајните објекти во Македонија и нејзината грандиозна и велелепна архитектура може да се спореди само со црквата „Света Софија“ во Охрид. Меѓутоа, црквата се ноаѓа во очајна состојба откако во неа беше сместен штабот на УЧК во 2001 година. Во воениот конфликт голем дел од црквата беше уништен, фреските оштетени, а одмаралиштето разурнато и запалено.

    Црквата „Успение на Пресвета Богоридица“ е прогласена за културно наследство во опасност од минатата година, но државата и покрај најавите не направи ништо за нејзина заштита и промоција.

    Македонските политичари црквата ја посетуваат само за празникот „Мала Богородица“ во септември, а многумина од нив биле и кумови на славата, но конкретни залагања од локалните и државните власти да помогнат да заживее манастирскиот комплекс и да се обнови одмаралиштето за деца нема.