Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Втората поетска збирка на Александра Спасеска, „Координати на болката“, вечерва во 19.30 часот ќе биде промовирана во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
„Координати на болката“ ќе ја промовира уредничката на „Илика“ Катерина Шекутковска, низ разговор со авторката. Публиката се охрабрува да се вклучи во дискусијата.
Поетесата Д.А. Лори за збирката вели: „(...) она што најмногу остава впечаток е дека Александра Спасеска храбро патува кон себеси; постојано се бори со стравот да биде разоткриена, разголена пред другиот и успева да ја добие таа битка, го победува стравот.“
„Како и во претходната стихозбирка, така и во оваа, Спасеска го задржува архаичното и архаичниот јазик, како и односот со македонските поетски класици Блаже Конески и Анте Поповски. Но, за разлика од ‘Прости песни’ каде што архаичното и традицијата се присутни сами по себе, во ‘Координати на болката’ архаичното е ставено во функција на урбаното, традицијата е ставена во функција на модерното, па Спасеска прави фузија меѓу овие две страни и ја издигнува својата поетика на едно ново и различно рамниште, па пее и за градот и за снаоѓањето во него, за домот, за војната, вселената, ноќта“, вели поетот и културен работник Андреј Медиќ Лазаревски.
Промоцијата се организира во соработка со Книжевен клуб Куманово.