Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Градската библиотека “Тане Георгиевски“ денеска беше промовиран романот “Рогот на љубовта“ од Божин Павловски.
Книгата ја доби наградата Стале Попов од Друштвото на писатели на Македонија. Павловски вели дека се работи за автобиографски роман, а дејството се одвива во средината на минатиот век.
Станува збор за нашите големи транзиции и за еден невиден ентузијазам на младите луѓе, кои во тој период пројавуваат интерес за сопствено издигнување и го почнуваат оној период на големо раслојување, заминување во туѓина. Меѓу романите што сум ги создал , 18 на број, веројатно овој е роман што најмногу го сакам. Го откинав во моето детство и го работев долго“- рече авторот.
“Рогот на љубовта„ наиде на позитивни критики во јавноста. Промоторот Блаже Миневски рече дека Павловски е класик, кој последните 50 години е фокусиран на пишување романи. Овој роман го третира нашето поблиско и подалечно минато.
Станува збор за приказна на оттуѓување на луѓето, на репресија од власта во 50 - те години на минатиот век, кога системот на државната власт е контролиран преку тајните служби и полициските сили. Во тоа мало место прават пекол со луѓето, кои на некој начин изразуваат сопствено мислење и убедување. Приказната се одвива во еден круг на семејство со 4 синови и една ќерка, кај кои што сосема ненајавено доаѓа човек кој се претставува како Јуда, а тие го доживуваат како спасител“ - рече промоторот.
Извадоци од романот читаше актерката Кети Дончевска Илиќ пред присутните.
Павловски е роден на 7 јануари 1942 година во демирхисарското село Жван. Негови попознати дела се :“Игра со љубов“, “Лудисти“, “Дува“, “Австралија, Австралија“, “Подвижни гробови“, “Изгубени во рајската градина“ и други. Авторот е добитник на наградите Рациново признание, 11 Октомври, Гоцева повелба, Кочо Рацин и други.