Промовирана монографија за воннаставни активности
Во Куманово денеска беше промовирана монографијата „Партиципација на учениците во воннаставни активности на училиштето-акциски истражувања“.

Оваа монографија ја подготвија основните училишта“Христијан Карпош“, „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“. Наставниците направија истражувања со учениците преку прашалници, анкети и интервју, а како теми се обработени оценувањето, односите меѓу учениците во паралелка, учество на ученици Роми во воннаставни активности и индивидуален приод во дополнителната настава.
Нашето акциско истражување покажа дека е применливо. Ги здружи колегите во тимска работа, придонесе за професионален развој на наставниците и еве сега ќе покажеме дека тоа е изводливо во сите училишта. Наставниците не се само активни имплементатори на наставни планови и програми, туку можат со своите акциски истражувања, нови форми и методи да придонесат за ново поефикасно работење - изјави Лидија Костиќ, директорка на „Христијан Карпош“.
Монографијата е прва од ваков тип во државата, а е издадена со поддршка на Фондација отворено општество Македонија. Обука за наставниците направија професори од Педагошката академија од Словенија, Јанес Крег и Јанес Богринец кои присуствуваа на промоцијата.
Се надевам дека многу наставници ќе ја прочитаат оваа монографија и ќе ја применат во својата работа - рече Крег.
Од ФООМ велат дека оваа монографија ги вклучила и учениците да ги идентификуваат проблемите и да придонесат во нивно решавање.
Резултатите покажаа дека кога ги вклучуваме учениците од моментот на идентификување на проблемот и нешто што нив им е потребно да се промени во наставата, тогаш има успех ако им понудивме и адекватна поддршка во училиштето. Наставниците се клучни и во воншколските активности за децата, не само за оценки, за екстерни тестирања, сепак има и нешто потребно повеќе од тоа, односно подготовка за живот - вели Наташа Ангелска, програмски координатор во ФООМ.
Оваа монографија е наменета за просветните работници со цел да бидат поуспешни во својата работа. На пормоцијата присуствуваа голем број наставници од основните и средните училишта во градот.