×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Промовирана монографијата „75 години Театар Куманово“

    01.12.2023 10:55 | Оливера Пешевска

    Во фоајето на Центарот за култура во Куманово синоќа се одржа промоција на Монографијата „75 години Театар Куманово“, во која на едно место се собрани архивски материјал, фотографии и приказни за постоењето и работењето на театарот.

    Промовирана монографијата „75 години Театар Куманово“

    На промоцијата беа присутни сегашни и пензионирани актери, поранешни вработени и семејства на оние тетарски дејци кои се починати, како и бројна публика.

    На монографијата е работено една година, а негови автори се Кети Дончевска-Илиќ, Симона Тоскиќ, Сашо Костовски и Зоран Зафировски.

    „За нас ова беше едно патешествие, а за мене како актер ставен во улога на пишувач, забележувач на едно време, на еден период беше особен предизвик. Ми беше задоволство, затоа што навистина се обидовме и се потрудиме, и мислам дека успеавме да ги ставиме во една книга и заштитиме од заборав голем број на претстави на Театар Куманово кои се случувале во изминатите 75 години“, истакна актерката Кети Дончевска Илиќ.

    Целиот авторскиот тим изрази гордост на она што го направиле, сметајќи дека завршиле одлична работа. Обработен е голем период, процес кој барал од нив доста студиозен и внимателен процес. Она што го издвојуваат како најинтересен пронајдок е дека театарот и културата секогаш се соочувале со предизвици, за кои моментално ангажираните театарски дејци сметале дека е екслузивитет на времето во кое живеат.

    „Политиката има големо влијание и на културните институции и јас сметав дека тоа се наши лични проблеми, проблеми на времето во кое живееме.Она што е впечаток кога ќе вртите по архивите, ќе копате длабоко всушност се соочувате со моментот дека од почетокот до денес Театар Куманово, а верувам и безброј театри низ Македонија ја делат истата судбина, постојано се во некаков предизвик, постојано се во некакви обиди за покажување и докажување, за потврдувување на значајноста. А постојано некој таму-политичка партија,гарнитура на одлучувачките места не секогаш има доволно разбирање“, потенцираше Дончевска-Илиќ.

    Благодарници за придонес во работата на Кумановскиот тетара добија пензионираните Верица Ристовска, Љубица Гојковиќ, Илија Струмениковски и Горан Илиќ.

    „Навистина сме горди на тоа што направивме промоција на монографијата, што е еден убав јубилеј, преубав настан. Монографијата се подготвуваше речиси година и пол од колегите од театар Куманово. Публиката вечерва покажува дека на градот му е потребен театар, публиката сака театар и навистина сум сигурен дека во периодот кој следи зградата на театарот ќе се реконструира и ќе може таму да уживаме во тековните претстави“, истакана директорот Сашо Тодоровски.

    Монографијата „75 години Театар Куманово“ е издадена со поддршка на Минстерството за култура и неколку приватни спонзори.