Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Прослава за големиот христијански празник Велигден денеска се одржа во основното училиште „11 Октомври“, како дел од проектот “Безбедни училишта„ кој го реализираат отсекот за превенција при СВР Куманово со ОБСЕ.
Учениците и наставниците од „11 Октомври„ заедно со нивното партнер училиште „Јероним Де Рада„ од село Черкезе подготвија заедничка приредба, со повеќе музички, ритмички и драмски точки. Целата приредба беше во знакот на празникот и велигденските јајца.
Нашите ученици подготвија седум точки, ритмички, драматизација, оркестар, мало хорче. Повод за оваа приредба беше Велигденскиот празник и ние ја имавме таа чест кај нас да се падне приредбата, а за друг пат здравје ќе видиме како ќе биде - изјави Тања Тодоровска, професор по музичко и координатор на приредбата.
Пред присутните отец Игор Здравковски од Кумановско-осоговска епархија говореше за празникот од верски аспект.
Секој силен , поробувач кога ќе се соочува со смртта станува слаб. А Христос беше слаб, од луѓе исмејуван, предаден. Во моментот на смртта покажа сила, иако беше човек, со човечка природа без грев. Таа природа беше исполнета со божествена природа, а рековме дека Бог е живот. Кога ќе дојде Велигден да се потсетиме дека Бог пред се е љубов, не е тиранин кој само ни дава заповеди - рече Здравковски.
Од отсекот за превенција објаснуваат дека заедничката прослава на верските празници е со цел децата од мали, да се учат на толеранција, да ги запознаат другите и да немаат предрасуди.
Преку учество во овој проект се дава пример на младите, како треба да растат и живеат заедно во слога, мир, без насилство и предрасуди. И кога ќе бидат возрасни повторно да бидат заедно. Во духот на традицијата има подготвено многу убави јадења, шарени јајца кои се симбол на Велигден. Иако сме различни можеме заедно да живееме во Куманово, како наш безбеден град - вели Виолета Богдановска, од отсек за превенција.
На прославата присуствуваа вработени во општинската администрација, советници, директори на повеќе училишта и други. Заедничките прослави се практикуваат петта година по ред. За Ѓурѓовден ќе биде посетена ромската населба Средорек, а прославата за Бајрам ќе се одржи во основното училиште во село Слупчане, Липково.