Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дел од волонтерите во Општа болница Куманово денеска протестираа во кругот на болницата со барање да им се реши статусот.
Велат дека со години работат за надомест од 3900 денари, а дополнителен проблем е што овој скормен надомест им доцни со месеци. Тврдат дека работат и по 12 часа дневно, а никој нема слух за нивните барања да добијат решенија за работа. Работата не им е проблем, но сакаат трудот да им биде соодветно платен и да имаат со што да ги прехранат семејствата.
Парите ги земаме 2 пати годишно. Јас сум волонтерка 4 години, а има некои што подолго време се волонтери. Работиме како чистачки по 12 часа, дежурства се работат. Секаде низ Македонија дадоа решенија само во Куманово не - рече хигиеничарка.
Волонтерите велат дека во неколку наврати им е ветувано дека ќе добијат решенија, но досега нема ништо.
Од понеделник до петок само ветуваат и ништо. Секоја недела е исто. Дел од нас одевме кај директорот да не одиме сите. Не беше фер директорот што вака постапи со нас. Ни вети дека ќе не прими да не штрајкуваме и не не прими. Јас 3 години работам како хигиеничарка - вели Јулијана Зафировска, волонтерка.
Директорот на Општа болница Куманово, Ариф Љатифи одговори дека за многу брзо време ќе се реши статусот на 102 волонтери, хигиеничарки, болничарки, медицински сестри и тројца лекари по општа медицина.
На Министерство за здравство е поминато за трансформација на нивните договори. Во Фондот веќе поминало и чекаме од Министерството за финансии. Мислам дека овие денови ќе се заврши оваа работа бидејќи и тие имаат одредени работи со буџетот. Јас сум оптимист дека многу брзо ќе се реши оваа работа - изјави директорот.
Волонтерите рекоа дека ако не им се реши статусот во скоро време, ќе протестираат во Скопје пред Министерството за здравство и ќе бараат средба со министерот, Никола Тодоров.