Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со oбраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заврши отворениот дел од 15. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово.
Груевски пред присутните говореше за актуелните политички случувања во државата, економската состојба и внатрепартиската активности, како и сработеното во периодот од 2011 до 2015 година. При тоа нагласи дека се реализирани илјадници проекти за граѓаните, невработеноста е намалена на 27,6 отсто, а Македонија е лидер во регионот со најдобра бизнис клима. Тој рече дека со чесно, одговорно и транспарентно работење неколку изборни циклуси ја добиваат довербата на гласачите, наспроти опозицијата која сеуште не е реформирана ни кадровски ни суштински.
„СДСМ едно зборуваат пред народот, друго прават онаму каде што владеат на локално ниво. Нас нè напаѓаат за партиски вработувања, а пред своите јавно се фалат дека таму кај што владеат само така работат. Нас нè клеветат за криминал со креирани снимки, а таму каде добиле доверба, тендер не може да прелета ако не го земе некој родина или некој партиски моќник. Нас нè обвинуваат дека не сме овозможиле доволно слобода во медиумската мрежа, а тие прават фабрики на новинари кои треба да ги поддржат и величат со парите на Сорос и Милчин. Го лажат народот дека сме ја презадолжиле земјата, а општините каде владеат, тонат во долгови по 50 милиони евра за во наредните 20-30 години да не можат да се раздолжат“, рече Груевски.
Груевски најави завршување на проектот „Скопје 2014“, посочувајќи дека овој проект наишол на различни реакции и дека во наредниот период треба да се заврши уште спомен-обележјата на Мајка Тереза за што се обезбедени средства од буџетот.
Во својот говор, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за предизвиците со кои што се соочувале во овие четири години, но нагласи дека ЕУ и НАТО и во иднина ќе останат стратешки интерес за Македонија.
Лидерот со став дека треба да се направи истрага на обвинувањата од бомбите и оние што се виновни да се казнат, а најави и кадровски промени и освежувања на функциите.
Тимот кој победува не се менува, но изморени играчи не можат да дадат резултати. СДСМ се исфрустрирани од нашата работа и затоа креираат и монтираат материјали. Нив ги води личниот гнев и не извлекуваат поуки, изјави Груевски.
На конгресот беа присутни 523 делегати, а пред нив беа прочитани телеграми и поздравни писма од сестрински партии од Хрватска, Шведска, Унгарија, Словачка и други земји. Присутните ги поздрави и лидерот на Социјалистичката партија Љубисав Иванов Ѕинго и Абдулаќим Адеми од ДУИ.
Конгресот продолжува и утре, при што ќе биде избран нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а единствен кандидат е Никола Груевски.