Прв случај на западнонилска треска во Куманово
Прв случај на заболен од западнонилска треска е потврден во Куманово.
Според Центарот за јавно здравје, станува збор за 65-годишен маж од кумановска населба, кој во периодот пред да се разболи не патувал надвор од државата.
Пациентот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје, во тешка состојба поради повеќе хронични заболувања.
По потврдувањето на случајот, ќе се спроведе дезинсекција на објектот, односно просторот во кој престојувало заразеното лице, како и на други локации каде што постои можност лицето да било каснато од заразен комарец.
Од Општина Старо Нагоричане најавија дека вечерва по 22 часот ќе се спроведе вонредно прскање против комарци во селото Војник, поради заразено лице од нилска треска, кое престојувало во селото.
Досега во земјава се регистрирани 50 заболени од западнонилска треска.