Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Синоќа беше пуштено во употреба монтажното лизгалиште на Градски кеј, со површина од 600 метри квадратни ледена површина.
Лизгалиштето го предаде во употреба градоначалникот Зоран Дамјановски, кој нагласи дека минатогодишното позитивно искуство ќе продолжи и оваа година. Лани за дваесетина дена имало 10.000 посети.
Се надевам дека младите ќе се рекреираат, а може со екипата која ова го поседува да направиме некој спортски тим. Овој простор дава можност да се развива овој спорт. Се надевам дека и оваа година ќе има интерес, дека младите луѓе ќе се дружат, ќе прават ноќни забави, се она што е интерес на младите во градот - изјави Дамјановски.
Со лизгалиштето стопанисува фирмата „Теам Плус„ од Белград, од каде информираа дека еден месец работеле на опремување на лизгалиштето. Фирмата набавила 250 пара нови лизгалки кои ќе се издаваат на посетителите.
- Огромна благодарноста за градоначалникот Зоран Дамјановски кој беше наша морална поддршка во вистинска смисла на зборот. Денеска Куманово има лизгалиште од 600 квадрати ледена површина, во прашање е природен мраз, како што ви е познато. Цената лани беше 100 денари, а оваа година одлучивме да ја намалиме на 70 денари, час и половина лизгање. Се надеваме дека посетителите ќе уживаат со нови лизгалки во зимската бајка - рече Ивана Јовановиќ, директор на „Теам Плус„.
На лизгалиштето имаше голем број ученици и млади луѓе кои уживаа во лизгањето на мраз.
- Лани бев два - три пати. Јас сум била на часови по уметничко лизгање во Скопје. Задоволна сум, убаво е овде, ова може да биде добра забава. Младите знаат да лизгаат, а и оние кои не знаат ќе научат - вели Милена Ристовска, ученик во Гимназија “Гоце Делчев“.
Градоначалникот спомна дека ова рекреативно лизгање може да биде поттик за составување на тим за хокеј.