Распишан оглас за избор на заменик - народен правобранител во Куманово
Распишан е оглас за избор на осум заменици на Народен правобранител кои ќе работат во подрачните канцеларии на институцијата во Скопје, Куманово, Струмица, Штип, Битола и Тетово.
Станува збор за оглас за утврдување предлози за избор на заменици за овие подрачја, при што кандидатите треба да имаат завршено високо образование од областа на правото и најмалку седум години работно искуство во оваа сфера или во областа на заштита и промоција на човековите права.
Огласот е објавен во печатеното издание на весникот Нова Македонија на 25 март и ќе трае 10 дена. Според објавеното, тројца заменици се потребни за канцеларијата во Скопје, додека останатите пет ќе бидат распределени во канцелариите во Струмица, Штип, Битола, Куманово и Тетово. На сите досегашни носители на овие функции им е истечен мандатот, а единствено заменик-народен правобранител во моментов има на подрачјето на Кичево.
Во Куманово заменик-народен правобранител нема околу 5 години, откако во 2021 година му заврши мандатот на Насер Весели.
Во случај да не бидат избрани заменици, со оглед на тоа што е потребно Бадентерово мнозинство од пратениците во Собранието, функцијата може да ја извршуваат и државни советници со овластувања од Народниот правобранител Сељами.