Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Зајакнување и стабилизација на локалната економија и потребата од изградба на индустриски објекти на земјоделско земјиште, беа темите за кои денеска расправаше Локалниот економски социјален совет (ЛЕСС).
Претседателот ЛЕСС Најден Бајдевски, смета дека тоа ќе биде мотив повеќе да се вложува во индустриското производство, и да се искористат поволностите од европските фондови.
„Од ИПАРД програмата дури до 65 отсто од вложеното се враќа. Процедурата за вадење на градежна дозвола и документација за изградба на одредени типови индустриски објекти трае од 1 до 2 месеца. Тоа се предуслови за кусо време да можат да се изградат. Има доста заинтересирани фирми кои веднаш ќе можат да инвестираат и да почнат со изградба на такви објекти. Има голема површина на земјиште, се исполнуваат одредени услови и не треба да биде во Генералниот урбанистички план како градежно земјиште“, изјави Најден Бајдевски, претседател на ЛЕСС.
Со трендот на иселување на млади луѓе, советот смета дека само со индустријализација може да се стабилизира локалната економска слика.
„Се трудиме да направиме услови за младите да останат тука, да им се овозможи вработување со соодветни примања, од 1000-1200 евра месечни по семејство. Ако продолжиме вака ќе нема кој да работи“, истакнува Бајдевски.
Во ЛЕСС се приклучуваат и нови соработници, од Здружението на работодавачи, Занаетчиската комора, Женско претприемништво, Општински совет за социјална заштита и Комисијата за Локален економски развој (КЛЕР).
„Имаме нови работни тела кои веќе функционираат. Носител на активности кое ќе работи со претприемачите е Комисијата за Локален економски развој. Со новите соработници ќе разговараме и дискутираме на темата вработување, социјала и други актуелни прашања во општината“, нагласи Ахмет Јашаровски, соработник за поддршка на Локален економски развој во Општина Куманово.
Недостатокот на квалификувана работна сила е еден од горливите проблеми на сите работодавачи, вклучувајќи ги и занаетчиските работилници.
„Ние секогаш се залагаме во интерес на градот и се трудиме да придонесеме за подобра инфраструктура, зајакнување на микро и малата економија. Интервенираме за пренасочување на квалификувани работници онаму каде што недостасува. Ќе се потрудиме да бидеме што поконструктивни и да придонесеме за подобрување на состојбата со недостиг на кадар“, потенцираше Агрон Фазлији, претседател на Регионална занаетчиска комора Куманово.
На состанокот се дискутираше за понатамошните активности на ЛЕСС Куманово во оваа година.