Реконструкција на Градскиот стадион со нови трибини за 8.000 гледачи, најави Димитриевски, кандидат за советник од СДСМ
Даниел Димитријевски, кандидат за советник од коалицијата на СДСМ, најави нови вложувања во спортската инфраструктура и во клубовите во градот, се заради афирмација на спортот и поголема вклученост на младите.

„Како еден од поголемите капитални проекти во програмата е реконструкција на Градски стадион со изградба на трибини за 8.000 гледачи, подобрување на спортската инфраструктура и пратечки објекти. Целта е да се создаде модерен спортски центар што ќе ги поттикне спортските активности и развој на локалната заедница. Со овој проект се унапредува спортскиот капацитет на градот и се потиикнуваат спортски активности, со привлекување повеќе публика и настани, а со тоа ќе се зајакне и локалниот економски развој“, кажа Димитриевски.
Рокот за реализација на овој проект е од 36 до 48 месеци, зависно од временските услови и организација на работите, а ќе чини 80. 000. 000 денари. Буџетот е предвиден преку ФФМ и УЕФА, да се обезбедат дел од средствата преку програми за развој на инфраструктурата, обично во износ од 20 до 40% од вкупниот буџет, зависно од проектот и нивните услови. Општина Куманово пак, ќе обезбеди дел од финансиите, земјиште и инфраструктурна поддршка. Дополнителни извори Јавно- приватно партнерство, национални и регионални фондови, спонзори и донации.
Во програмата се предвидува и организација на училишни спортски лиги и натпревари меѓу училиштата. Преку проектот „Кумановски шампиони“ ќе се формираат училишни општински спортски лиги за основни и средни училишта во Куманово.
„Општината ќе ги обезбеди сите потребни материјални и логистички средства за оваа лига. Заедно со професорите по физичко и здравствено образование ќе ги мотивираме и ќе ги искалиме новите шампиони. Секако, предвидена е и мотивација - годишна награда „Најспортско училиште“ на Општина Куманово. Најавуваме спортски програми за лица со попреченост и поддршка за параспортски клубови. Спортски кампањи, семинари за здрав живот, програми за антистрес и анксиозност. Организација на локални турнири, маратонски трки и рекреативни спортски денови“, додаде Димитриевски.
Тој истакна дека вложувањето во спортот и младите не е само проект, туку и обврска кон иднината. Секое спортско игралиште секој млад спортист, секој клуб што добива поддршка е чекор кон поздрава, посилна и поодговорна заедница.