Ременски го посети Транзитниот центар Табановце
Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски денеска го посети Транзитниот центар Табановце за да се запознае со неговото функционирање и кои се недостатоците кои доколку ги има треба да бидат отстранети.

Со работата на Транзитниот центар Табановце ја запозна Горан Стојановски, раководител на Регионален центар за управување со кризи Куманово. Ременски кажа дека овој центар во однос на Винојуг во Гевгелија има одредени предности, но ќе работат на подобрување на условите за прифаќање на бегалците.
МТСП во моментот спроведува голем број активности кои што треба да ги засилат подготовките за периодот кога се очекува поголем прилив на бегалци. Претпоставувам тоа ќе биде кога временските услови ќе бидат поповолни. Во таа насока ние спроведуваме неколку постапки и во делот на набавка на храна, за да има доволно доколку се создадат некакви вонредни ситуации, набавување на душеци, целокупна опрема која што би можела да се стави на располагање доколку се создаде некаква состојба или вонредна ситуација. Од меѓународната заедница и меѓународните претставници и комуникацијата која што ја имаме со нив, добиваме информации дека можеби ќе настане некаква промена во политиките кон бегалците од страна на земјите членки на ЕУ - изјави Ременски.
Таа вели дека затварањето на границите на другите земји, ќе придонесе за ревидирање на одлуките кои земјите од Западен Балкан ги донеле за бегалците.
Ременски се заблагодари на сите донатори и организации кои помогнаа за похуман третман на бегалците.
Во Транзитниот центар имаше мал број бегалци, а за оние мигранти кои доаѓаат од земји каде нема војна останува можноста по 6 дена престој на Табановце или да побараат азил или да се вратат во Грција од каде што дошле.