×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ревија на матурски фустани низ времето во Музеј Куманово (видео)

    18.05.2023 18:11 | Оливера Пешевска

    Педесетина модели на матурски фустани од 60-тите години на минатиот век па до денес, имаа можност да ги видат посетителите на модната ревија „Матурска рапсодија“ на авторката  м-р Анита Стојчевски, која синоќа се одржа во  лапидариумот на НУ Музеј Куманово. 

    „Секоја генерација има своја матурска приказна. Духот на секое време носи различен темперамент и поинакво доживување и е одраз на идентитетитетот на генерацијата како колектив. Музиката, танцот, облеката, трендовите, се менувале со секоја наредна генерација. Но, онаа што е заедничко за сите, матурата за секоја генерација е завршеток на една детска игра и премин кон реалниот свет, кон уште поквалитетна животна средина со оние кои ќе бидат дел од понатамошното битисување низ лавиринтот на феноменот, наречен живот“, изјави Стојчевски.

    Таа вели дека подготовките за ревијата траеле една година, а моделите се обезбедени дел од депото на музејот, дел од кумановските семејста кои ги сочувале до денес. 

    „Ни малку не беше лесно ниту едноставно да се креира ваква содржина. Бара многу труд и посветеност, но јас сум многу задоволна од резултатите од истражувањето и од реакцијата на публиката на вечерашниотт хепенинг“, вели авторката.

    Моделите кои што можеа да се видат, покажаа дека отсекогаш се следела модата и трендовите на матурските прослави. Облеката била  главно елегантна, софистицирана, но имало и необични и авангардни модели, кои предизвикаа внимание и восхит и кај денешната публика. Матурантите тогаш шиеле по мерка кај популарните шивачки и успевале да држат чекор со светската сцена.

    Промотор на ревијата беше м-р Славица Христова советник-етнолог од Музеј на град Скопје. На ревијата моделите ги носеа ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“ и „Перо Наков“, а изненадување на вечерта беше трубачкиот оркестар, кој приреди вистинска матурска прослава.

    Ова е трет ваков настан од кустос-етнологот  Стојчевски. Досега ги организираше ревиите „Модните трендови и културата на живеењето од ала франга до современата мода“ во 2015 година и „Рапсодија во бело“ во 2020 година.

    Ревијата се организира по повод Меѓународниот ден на музеите - 18 Мај, под покровителство на Министерството за култура.

    Ревијата предизвика голем интерес и посетеност, граѓаните уживаа во несекојдневниот културен настан.

    Ревија на матурски фустани низ времето во Музеј Куманово (видео)