Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на селото Речица, денеска не ги пуштија децата на училиште и еден час го блокираа локалниот патот Куманово - Лојане, барајќи од надлежните институции да се зголеми сообраќајната безбедност во селото.
Револтирани што со години наназад нивните деца се жртви на несовесни возачи од липковско, кои дивеат по селската улица, бараат Општината да постави лежечки полицајци во близина на училиштето.
Секој ден од 8 до 9 часот ќе го блокираме патот и мирно ќе излеземе на протести, и нема да ги пуштиме децата на училиште се додека не се реши нашиот проблем. Ги известивме надлежните институции и се надеваме дека во најкраток рок ќе се реши проблемот. Ние не бараме нешто што е невозможно, само да се постават 6 лежечки полицајци на патот за да можат децата побезбедно да се движат до училиште - Валентин Стоилковиќ, претседател на месната заедница.
Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, вети дека општинските служби во најкраток можен рок ќе го решат проблемот, но вели дека тоа нема многу да помогне бидејќи сообраќајната култура на возачите во кумановско е на многу ниско ниво.
Општината ќе го исполни својот дел од обврската за поставување на лежечките полицајци и хоризонталната сигнализација уште во текот на овој месец, меѓутоа сметам дека е потребна синхронизирана акција со МВР, преку адекватна сообраќајна контрола и ригорозни казни за несовесните возачи за да се подобри безбедноста на граѓаните. Кај нас сообраќајната култура е на многу ниско ниво, се вози со неприлагодена брзина, без да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, а многу често и под дејство на алкохол. Затоа имаме голем број на сообраќајни несреќи. Во селото Речица поминува меѓуопштински пат и има голема фрекфенција на возила, а поради големата густина на населнието има многу сообраќајни незгоди, некои завршуваат и фатално. Поставувањето на лежечките полицајци ќе ја ублажи безбедноста , но мора да се работи на поголемо полициско патролирање кое ќе даде сигурност на граѓните на оваа населба- изјави Дамјановски.
Селото Речица се дигна на нозе мината недела, по последната сообраќајна несреќа во која тешко е повреден десетгодишниот Немања Стаменковиќ, додека се враќал од училиште. Несовесниот возач побегнал, а здравствената состојба на детето сеуште е неизвесна.
Пред 4 години мене ме удри возач од Ваксинце. Помина од едната на другата страна на патот кога ме удри и 40 метри ме влечеше со велосипедот , а на крај Судот пресуди дека јас сум виновен. Сега е прегазено моето внуче, кое е сеуште во шок-соба и незнаеме како ќе заврши. Да удриш некого може да му се случи на секој возач, но зошто не му пружил помош на детето, туку побегнал. А пред некој ден дошле да се мират кај мене дома- вели Радомир Стаменковиќ, дедото на Немања.
Жителите кажуваат дека возачите од липковско возат многу брзо како да се на рели трки и за последните 2 години прегазиле 10 деца и уште толку возрасни луѓе, од кои дел починале. Никој од возачите не застанал да му помогне на повредениот, туку секогаш бегале од местото на несреќата.