Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По две пријави на граѓани интервенирала службата на ЈП „Куманово-паркинг“ за отстранување на хаварисани возила од јавен простор во Куманово.
Акцијата траеше еден месец, а иницијатор беше Локалниот совет за превенција во Општина Куманово.
Надлежните не се задоволни од одзивот на сопствениците на напуштените неупотребливи моторни возила.
„Непријатно сме изненадени, не ми е јасно зошто се пропушта една ваква можност. Граѓаните имаа шанса да не платат за транспорт со пајак возило и да наплатат како за старо железо на некој од лиценцираните отпади. Сега за се ќе треба сами да си ги сносат трошоците. Од понеделник ќе имаме координација за да се утврдат понатамошните чекори, но расчистувањето на тревниците, тротоарите и другите јавни површини ќе се спроведе во целост. За почеток, во наредните седум дена на шофершајбните на регистрираните хаварисани автомобили ќе лепиме опомени за сопствениците“, изјави Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на советот пред седум дена.
Во централното градско подрачје и на булеварот „Октомвриска револуција“ комуналните инспектори евидентирале седумдесетина возила кои не се во функција, а се „заборавени“ од сопствениците на јавните паркинзи, паркови или тротоари. Се знае нивната точна локација, па веруваат дека за брзо време ќе имаат можност да се достават опомените.
Процедурата подразбираше пријавување на дежурен телефонски број, по кој си тече постапката на известување на ЈП „Куманово паркинг“. Според општинските служби почесто се јавувале соседи да го пријават хаварисаното возило или новинари за да проверат како тече акцијата, отколку сопственици на нефункционални возила.
Еден од граѓаните кој ја искористил можност смета дека акцијата е за поздравување и изрази задоволство од целата постапка.
„Морам да ги пофалам службите за експедитивност, од моментот кога се јавив за само еден ден завршивме работа. Ме контактираа, закажаа точен термин, дојдоа точно на време. Имаа правилник по кој се спроведе постапката- направија записник на состојбата и местото, проверка на документите за сопственост на автомобилот, заедно отидовме до лиценциран отпад, присуствував кога ја мереа колата, потпишавме што е констатирано и парите се исплатени на банкарска сметка“, објасни М.С., кој ја искористил мерката.
Акцијата за отстранување на хаварисаните возила од јавните површини во градот започна на 28 октомври и траеше до 28 ноември.