Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Неопходен е што поголем ангажман на државата и локалните самоуправи, промена на законите, донесување на правилник за огрев на дрва, почитување на регулативата за сеча на шуми, засилен инспекциски надзор и во приватните куќи, санкционирање на загадувачите и опсежна медијска кампања за подигање на јавната свест.
Ова се само дел од предлозите кои Олгица Вељковиќ, екологист, ги повторува со години, но надлежните никако да започнат со нивната примена.
Таа смета дека и инспекциските служби треба што почесто да излезат на терен и да ги лоцираат загадувачите, но потребна е и промена на законската регулатива за да можат да ги санкционираат и приватните, семејни објекти.
Лошиот квалитет на огревно дрво, несоодветното складирање и употреба се најголеми емитери на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички во водухот.
Домаќинствата кои се загреваат на цврсто гориво се најголем загадувач на амбиенталниот воздух во Општина Куманово. Тоа го покажаа истражувањата на Факултетот за природни и технички науки (ФПТН) и лабораторијата „Амбикон“ од Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.
Со овие констатации се сложуваат и еколошките активисти и познавачи на темата од градот.
„Не може дрвата да им стојат на отворено, или само под стреа, недоволно исушени, под влијание на временските прилики- така се намалува нивната енергетска ефикасност и се трошат и до 50 проценти поголеми количини за загревање на истиот простор. Влажните дрва емитуваа многу штетни супстанци во воздухот, затоа инспекторите мора да поседуваат „влагомер“ – влажноста на огревот не смее да надминува 18 проценти. Кај нас од магацините излегуваат со 35 посто, речиси дупло од дозволеното“, вели Вељковиќ.
Категорично тврди дека мора да се донесе правилник за квалитет на пелетите и да се забрани продажба на несертифицирани производи. Исто така, мора да се спроведе строга контрола за користење на несоодветни материјали- како делови од мебел или паркет за загревање на домовите.
Според неа, ниту локалната самоуправа не може да се амнестира за ова прашање- иако формално се залагаат за заштита на населението, практично не го спроведуваат она што е неопходно да се направи, и тоа што поскоро.
За почеток, акциите за пошумување немаат никаков ефект, не може да се види ниту едно израснато ново дрво и покрај бројните акции кои често се маркетиншки испратени. Втор проблем е што се користат несоодветни садници за прочистување на воздух во градска средина- белиот јасен е ултимативен вид кој е најдобар за урбаните средини. Зимзелените дрвја можеби се убави во текот на зимата, но се прикладни за планински предели и не се функционални што се однесува на производството на кислород.
Еден од битните фактори е и тоа што од Куманово, со експанзија на висококатници е направена котлина во која нема природен проток на воздух и ветер кој би го прочистувал воздухот. Според „План за подобрување на амбиенталниот воздух за општина Куманово- период 2022-2026 година“ градот се смета за подрачје со изразита ветровитост, главно на ветер од северен правец.
Овој податок е добро познат на постарите сограѓани кои имаа изрека „кога ќе дувне врањанецот се расчистува воздухот“. Но, неговиот природен пат е попречен од се побројните стамбени згради во Куманово, а како последица се јавува загаденост на воздухот.
Олгица Вељковиќ препорачува и да се заборават автомобилите, како превозно средство секогаш кога тоа е можно. Или да се користи јавниот превоз, кој моментално е бесплатен (иако не ги дава посакуваните резултати, што се однесува на намалување на фреквенцијата на сообраќај и загадувањето), што почесто да се вози велосипед или да се оди пешки.
Затоа е неопходна опсежна и интензивна медијска кампања, кампања со која би се „испрал“ мозокот на секој поединец. Да се заборави се она што до сега важело и да се усвојат нови, и уште поважно конструктивни навики за доброто на сите.
Државата, согласно националната и меѓународната правна регулатива, е должна да обезбеди здрава животна средина, а со непреземањето дејствија од надлежните јавни органи се повредува уставно загарантираното право на здрава животна средина и граѓаните може да ја тужат, се вели во начелниот став за правото на здрава животна средина и загадувањето на воздухот што на почетокот на октомври го утврди Врхoвниот суд на општа седница.