Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците на колалицијата на СДСМ, градоначалникот и локалната администрација денеска ја напуштија седницата на Советот на Општина Куманово во знак на протест за апсењето и притворањето на нивниот колега и сопартиец од општина Центар Мирослав Шиповиќ.
Со својата постапка СДСМ испрати порака до Јавното обвинителство и МВР, дека сите граѓани имаат право на фер и правична судска постапка, сметаат од партијата.
Со ваквата брза одлука на судот се прекршени Уставот и законите на Република Македонија каде не се почитува презумцијата на невиност. За жал во нашата демократска држава притворот стана пракса, а судбината на обичниот човек безвредна. Многу мерки притвор беа изречени во изминатиот период, но многу и паднаа во вода, а останаа само големите дамки на луѓето што го преживеаа тоа.- рече координаторот на советничката група на СДСМ Александар Арсиќ.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа на одлуката за прекинување на седницата и побараа таа да продолжи без СДСМ, бидејќи имаше кворум за работа со 21 советник, а раководителите на сектори и директорите на јавните претпријатија да одговараат на советничките прашања.
СДСМ денеска покажа дека не ги брани интересите на граѓаните, туку интересите на поединците од нивната партија. Со ова докажа дека граѓаните им требаат само за избори. Општинската администрација не смееше да ја напушти седницата затоа што таа не е само партиска и на СДСМ, туку на сите граѓани на Куманово.- рече координаторот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Мирослав Стојановски.
И советниците на новата политичка партија ГРОМ, сметаат дека одлуката за бојкотирање на седницата ја девалвира работата на Советот.
Со оваа одлука се кршат деловничките обврски за работа на Советот, со оглед на тоа што и онака е пробиен рокот за одржување седницата со советнички прашања. Ваквото однесувување, пренесување на проблемите на СДСМ од централно ниво во Општина Куманово сметам дека не се оправдани- изјави Душица Сеизовска Јовановиќ.
Претседателот на советот Максим Димитриевски најави дека десетата седница со советнички прашања ќе се презакаже во нов термин.