СДСМ нема кредибилитет да зборува за состојбата во претпријатието, велат од „Чистота и зеленило“
Лицемерно и крајно понижувачки е политичката партија СДСМ денес да зборува за состојбите во ЈП „Чистота и зеленило“ и да се претставува како загрижен фактор за неговото функционирање, кога токму нивните политики со децении придонесуваа за системско уништување и занемарување на ова јавно претпријатие, одговорија на обвинувањата на СДСМ, од ЈП „Чистота и зеленило“.
Оттаму велат дека граѓаните на Куманово многу добро паметат кога кадрите на СДСМ управуваа со jавните претпријатија.
„Тогаш, за разлика од сега нивните директори ги трошеа парите на граѓаните по кафани и ресторани, плаќаа сметки на спортски клубови, ги држеа вработените на договор на дело со плата од 8.000 денари, но не плаќаа ДДВ, што беше законска обврска, поради што денеска ЈП „Чистота и зеленило“ има неплатен ДДВ од 19 милиони денари за период од 2004 до 2007 година и 81 милион денари пресметана законска камата, поради што претпријатието е во целосна финансиска блокада“, се вели во соопштението.
Од менаџментот додаваат дека, дополнително, повеќе од две децении не биле направени суштински корекции на цените на услугите, иако трошоците за функционирање континуирано растеле, а не се инвестирало ни во набавка на нова механизација, комунална опрема и современи средства за работа, што директно влијаело врз финансиската стабилност и оперативната способност на претпријатието.
„Денес ситуацијата е поинаква. Наместо популизам и празни политички соопштенија, се работи одговорно, домаќински и рационално на решавање на децениските проблеми што беа наследени од минатото. Општина Куманово и менаџерскиот тим на ЈП „Чистота и зеленило“ спроведуваат сериозен процес на консолидација, модернизација и зајакнување на капацитетите на претпријатието“, велат од претпријатието.