Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По бурните реакции на граѓаните на социјалните мрежи, дека градските гробишта во Куманово се затрпани во ѓубре и зараснати во трева, денеска се чистеа контејнерите и се собираше расфрланото ѓубре.
Работници од ЈП „Чистота и зеленило“ тврдат дека сметот го изнесуваат редовно 2 пати неделно, и дека нивните екипи секојдневно поминуваат и интервенираат таму каде што има потреба, но ги обвинуваат граѓаните дека не водат сметка каде и што ќе остават.
„Неколку часа по расчистување повторно се насобира многу ѓубре, наместо во кантите и контејнерите се фрла до нив. Сите очекуваат гробиштата да бидат средени, но никој не сака да се потруди јавните површини да се чисти. Секој ќе си го исчисти и ќе го среди своето место, а потоа ќе фрли на најблиското слободно место или чистинка“, велат вработените со кои поразговаравме.
Тие додаваат дека градските гробишта се протегаат на површина од 19 хектари, што е огромна површина и едноставно не можат да стигнат насекаде во ист ден. Најавуваат дека е планирана поголема акција за што се надеваат дека ќе даде резултати, а во чистењето ќе можат да се вклучат и граѓаните.
И директорот на претпријатието објави дека нивни екипи активно работат на повеќе локации, на косење, кроење и расчистување во градските гробишта и на ул. Биљановска.
Критиките за хигиената на градските гробишта се постојана тема меѓу граѓаните. Тие сметаат дека претпријатието не посветува доволно време и внимание и покрај тоа што секое семејство кое има гробно место плаќа годишна закупнина за одржување на гробиштата.
O. Пешевска