Се навршуваат 104 години од раѓањето на Карпош – симбол на кумановскиот и македонскиот отпор
Роден на денешен ден во 1921 година, Карпош остана запаметен како еден од најистакнатите организатори на партизанското движење во Куманово.

Денеска се навршуваат 104 години од раѓањето на народниот херој Христијан Тодоровски – Карпош, еден од најистакнатите кумановци и борци за слобода.
Роден е на 3 септември 1921 година во Куманово, а само 23 години подоцна го загубил животот во борба против бугарскиот окупатор, оставајќи зад себе лик и дело што остануваат трајно врежани во колективната меморија.
Како ученик станал член на СКОЈ, а неговата младешка револуционерна енергија брзо го одвела меѓу првите организатори на НОАВМ. Во 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, кој подоцна прераснал во баталјон „Јордан Николов – Орце“.
На 7 февруари 1944 година, во селото Билјача, Прешевско, Карпош загинал во напад на бугарското воено и полициско упориште.
Неговата храброст инспирирала песни и стихови – делата на Ацо Шопов и популарните партизански песни го чуваат неговото име живо до денес. Во Куманово, Спомен куќата и населбата Карпош сведочат за трајната почит кон овој млад борец.
Прогласен е за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување.