Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученици од основните училишта „Јероним Де Рада“ од с. Черкези, Куманово, „Дитурија“ од с. Липково, Куманово и „Св.Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, учествуваа на музичка работилница под наслов „Остави го таблетот, посети ја детската музичка работилница“, која се одржа во „Европска куќа“ во Крива Паланка.
Работилницата започна со едукативна сесија, каде што учениците слушаа за историјата на музиката и инспиративните приказни на големите композитори како Лудвиг ван Бетовен и Јохан Себастијан Бах.
„И покрај тоа што Бетовен го изгубил слухот, а Бах станал целосно слеп, нивната љубов кон музиката била поголема од предизвиците,“ истакна професорката Лариса Жулина-Митовски, охрабрувајќи ги учениците да го ценат силниот дух на креативноста.
По едукативниот дел, учесниците креативно изработуваа музички инструменти од различни материјали, комбинирајќи уметност и практичност. Додека се создаваа инструментите, на пијано свиреа учениците Ева Николова, Михаил Митовски и Теодор Смиљков. Атмосферата беше дополнета со настап на хорот на професорката Шермин Мемеди-Ајдини, кој ја воодушеви публиката со својот репертоар.
„Музиката е универзален јазик што ги поврзува луѓето, без разлика на возраста или искуството. Денес покажавме дека, со малку инспирација, младите можат да создадат неверојатни нешта,“ изјави професорката Жулина-Митовски, изразувајќи благодарност до своите колеги професорот Флорим Зулфиу од ООУ „Дитурија“ и Шермин Мемеди-Ајдини од ООУ „Јероним Де Рада“, за поддршката во организацијата.
По завршување на настанот учениците и професорите споделуваа идеи за идни музички и креативни проекти. Оваа работилница уште еднаш покажа дека музиката има моќ да инспирира и да ги поттикне младите да ја заменат технологијата со активности што ја разгоруваат нивната креативност.
Никола Митовски