Со летниковци, алпиниуми и дрвореди се уредува училишниот двор на „Перо Наков“
Летниковци, клупи, канти за отпадоци, уредени пешачки патеки, украсни дрвја и зеленило се новите содржини што ќе го оплеменат паркот во дворот на СОУ „Перо Наков“ во Куманово.
Средствата за изградба се обезбедени преку проектот „Урбано раззеленување за поздраво дишење“, кој се реализира во рамки на прекугранична соработка меѓу Општина Куманово, Општина Ќустендил и Центар за развој на Североисточниот плански регион.
Вкупната вредност на проектот изнесува 541.709 евра, од кои 298.529 евра се наменети за Општина Куманово, 199.066 евра за Општина Ќустендил, а 44.112 евра за Центарот за развој на Североисточниот плански регион.
Во Куманово преку овој проект е засаден дрворедот од 220 украсни садници по целата должина на булеварот „Октомвриска револуција“. Останатите средства ќе бидат наменети и засадувањето на 137 дрвја на булеварот „Трета Македонска ударна бригада“, поставување зелен ѕид со систем „капка по капка“ на паркингот кај плоштадот „Маршал Тито“, хортикултурно уредување со садење 16 дрвја во дворот на Техничкото училиште и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, како и за изградба на зелена површина за управување со дождовница (зелени улици и дождовни градини) кај спортската сала.
Во училиштето „Перо Наков“ во тек е уредувањето на два алпиниума и поставување на урбана опрема. Поголемиот дел од работите се веќе завршени, а преостанува засадување на дрвјата и дополнително озеленување на паркот.
Целиот проект се реализира со поддршка на Министерство за локална самоуправа, кое обезбедува 15 проценти кофинансирање на проектите што ги имплементираат локалните самоуправи и регионите.
„Овој проект има за цел создавање позелен пограничен регион. Навистина ми е драго кога реализираме вакви иницијативи насочени кон подобрување и заштита на животната средина и се надевам дека и во иднина ќе промовираме вакви значајни проекти“, изјави министерот Златко Перински, кој денеска беше во посета на училиштето за да се запознае со текот на работите.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, истакна дека само со взаемна поддршка меѓу локалната и централната власт може да се постигнат вистински резултати, а значајна е и прекуграничната соработка.
„Ова е само еден од проектите што ќе ги реализираме. Можностите на нашата општина за прекугранична соработка се големи, како со Бугарија, така и со Косово и Србија“, изјави Димитриевски.
Младен Протиќ од Центарот за развој на Североисточниот плански регион, кажа дека проектот треба да заврши до крајот на годината.
„Драго ми е што денеска можеме да промовираме дел од резултатите од проектот, кој е во фаза на имплементација. Сакам да се заблагодарам на Општина Куманово и на министерот Перински за соработката, бидејќи без нивната поддршка проектот немаше да се реализира квалитетно“, изјави Протиќ.
Од училиштето посочуваат дека се задоволни од реализацијата на проектот и очекуваат паркот во најскоро време да биде целосно функционален и достапен за учениците и вработените.