Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Водата од „големиот“ чеп во Проевце се уште е неисправна за пиење, поради присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosа. Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) презело повеќе мерки за нејзино уништување, но досегашните обиди не вродиле со успех.
„Се обидовме и со горење на цевката, еден вид на стерилизација, надевајќи се дека високите температури ќе ја уништат детектираната бактерија. Најновите тестови покажуваат дека се уште е присутна и препораката е да не се користи за пиење. Бактеријата е условно патогена, на удар се имунокомпромитирани корисници, кај кои може да се јави инфекција на дигестивниот, респираторниот, урогениталниот тракт, на кожата и слузокожата. Но, најбезбедно е сите да избегнуваат да ја користат таа цевка, затоа што бактеријата е резистентна на антибиотици и многу тешка за лекување“, истакна д-р Бедри Велиу, специјалист по хигиена во ЦЈЗ Куманово.
Докторот објаснува дека не се работи за каптажа која би можела да биде прочистена со хлор или на друг начин по хемиски или механички пат. Затоа што „малиот чеп“ не покажува присуство на патогени претпоставките се дека се работи за загадување во самата цевка, на која и е неопходна замена.
„Доставивме барање до Општина Куманово за замена на цевката со нова изработена од прохром, и препорака за миење и дезинфекција на поширок круг околу изворот. До сега немаме одговор“, објасни д-р Велиу.
Станува збор за двата најстари чепа, од кои кумановци редовно се снабдуваат со вода за пиење. Големиот чеп е повисоко поставен и има поголем проток на вода. Малиот има помал капацитет, па полнењето кај него оди поспоро, но редовните корисници тврдат дека и водата е повкусна ако е наполнета таму. Новонаправените чепови непосредно до бањските простории не се тестираат подолг период, но од таму и ретко кој полни вода за пиење. Доктор Велиу смета дека и таму е потребно детално средување и чистење, за да и тие истеци станат повторно функционални.
По редовна контрола на 19 август, ова година е констатирано присуство на Pseudomonas aeruginosа и во последните два месеци водата од чешмите на минерална вода во Проевце- голем чеп не се препорачува за пиење.