Се зголемува интересот за пчеларење во кумановско
По завршувањето на Саемот на мед во септември годинава, неколку кумановци набавиле пчелни семејства и започнале со нивно одгледување.
Од пчеларското друштво “Пчела“ велат дека ова е показател дека интересот за пчеларење се зголемува, и овие луѓе ќе станат нивни членови.
Се работи за луѓе околу 40 години кои побараа информации каде можат да купат пчелни семејства. За некои тоа ќе биде дополнителна дејност, некои се вработени, но со ниски примања, а на некои ќе им биде хоби. Ова е племенита работа, на некој начин занает да се знае како се одгледуваат пчели. Се произведува здрава, органска храна - вели Часлав Ристовски, претседател на „Пчела“.
Ристовски вели дека за да едно семејство живее само од производство на мед, потребно е да има околу 100 сандаци со пчели, а со помал број на пчелни семејства може да се обезбеди приход за дополнување на семејниот буџет.