Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Селските продавници работат нерентабилно и се почесто се затвараат, поради што месното население нема каде да ги купи ни основните животни намирници.
Жителите на селата, кои претежно се стари луѓе, приморани се да одат во околните села или до градот.
Селото Никуљане во Општина Старо Нагоричане веќе две години е без продавница. Селото има мал број на жители па сопствениците на трговскиот објект немле рачуница повеќе да работат.
Нема повеќе од 75 жители од кои повеќето се стари луѓе. Млади има само дваесетина во селото. Освен нашата имаше уште една продавница во селото, но и таа се затвори. Стари луѓе се знае дека не купуваат многу, брашно, шеќер, сол и тоа го набавуваат од Куманово - вели Радица Митровиќ од Никуљане.
Продавниците во селата со помалку од 300 жители или лоцирани на тешко пристапни планински места се ослободени од издавање на фискални сметки и воопшто поседување на фискален апарат. Оваа олеснителна околност дел од трговците ја користеле, но има и сопственици на продавници кои не се неинформирани за истото.
Никој не ми укажал, не знаев дека села со помалку од 300 луѓе не треба да даваат фискални. Јас давам фискални, ама нема голема заработувачка. Село Клечовце сега дали има 300 жители бидејќи секоја втора куќа е празна - рече Катерина Бајдевска.
И од соседното село Стрезовце се жалат дека имаат едвај една продавница каде можат да купат само основни намирници.
Имаме продавница колку да се каже и таа планираат да ја затворат. Оваа буквално е како старите селски продавници што ги имаше порано. Не е снабдена и затоа пазаруваме во соседни села или во Куманово - кажа жител на селото.
Во кумановската околина има најмалку 10 села со помалку од 300 жители каде на мештаните им недостигаат елементарни услови за живот.