Мени

„Смрт на погребот“ со многу смеа и огромен аплауз ги отвори Денови на комедија

24.09.2026 15:38 | Сузана Николиќ

 Претставата „Смрт на погреб“, во режија на Ненад Витанов, на Кумановскиот театар, синоќа го отвори Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата 2026“ во Куманово.

„Смрт на погребот“ со многу смеа и огромен аплауз ги отвори Денови на комедија

Тоа е црна комедија која публиката ја насмеја до солзи и доби огромен аплауз. Претставата започнува со подготовките за погребот, кога синовите Даниел и Роберт дознаваат дека нивниот татко е заменет со друг. Ситуацијата дополнително се комплицира кога се појавува човек кој тврди дека со покојникот бил во повеќегодишна љубовна врска. Од тој момент следуваат низа пресврти, недоразбирања и комични ситуации со кои двајцата синови мора да се справат за да ја сочуваат честа на својот татко и угледот на семејството. Со одлична и бројна актерска екипа, претставата има брзо темпо и многу хумор.

Во претставата играат Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Трајковиќ, Никица Јанковски и Мирослав Петковиќ.

Режисерот Витанов вели дека е задоволен што претставата го отвори фестивалот и ја освои публиката.

„Идејата ни беше да направиме една брза динамична комедија, која третира еден момент кој е составен дел од животот и некогаш ќе нѐ пречека сите нас. Претставена е низ духовитата страна на гледање на животот и дека и во најтрагичните моменти има нешто смешно. Тоа смешно вечерва го изнесовме на сцената и јас сум задоволен“, кажа Витанов.

Актерот Марко Трајковиќ, кој го игра синот Роберт, кој од Америка, вели дека е презадоволен што со публиката „кликнале“ уште на прва.

„На луѓето им треба време да влезат во приказната, но тука не беше така. Уште на првата реплика на Жарко, публиката почна да се смее. Веќе на петтата реплика добивме аплауз на отворена сцена и потоа знаевме дека изведбата ќе биде одлична, што и да се случеше, дури и рефлекторите да паднеа“, вели Трајковиќ.

Никица Јанковски ја игра улогата на Симон, кој на погребот треба да го запознае семејството на својата девојка, за да им соопштат дека планираат да се венчаат, бидејќи чекаат бебе. Возбуден од целата ситуација, тој зема таблетка за смирување, која всушност е наркотично средство. Неговото однесување го фрапира целото семејство, особено таткото на девојката, кој има други планови за неа.

„Навистина многу несекојдневна улога. Јас не сум бил во такви состојби како што беше Симон, но со истражувањата што ги направив и со помошта од моите колеги, успеавме да ја склопиме претставата. Јас длабоко сум уверен дека ќе биде долго на репертоарот, ќе ја смее публиката и искрено очекувам дека ќе излеземе надвор од нашите граници“, кажа Јанковски.

Фестивалот продолжува вечерва со претставата „39 степеника“ на Народното позориште од Источно Сараево, а утре на програмата е „Болва во уво“ на Драмскиот театар од Скопје.

Потоа следуваат претставите „Покондирена тиква“ на Народното позориште од Приштина, „Кљукана династија“ на Народното позориште од Ниш, „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија, „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар, „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје, „Аматери“ на Театар Комедија и „Секстет“ на Битолскиот театар.

Сите претстави ќе се играат на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, со почеток во 20 часот.