Снег провејува на Страцин и Павлешенци
Снег денеска провејува на Страцин и Павлешенци, информираат од Авто мото сојузот на Македонија.

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива тековно без забрани и застои, по влажни коловози, наместа има остатоци од кашест снег по интервенција на екипите на АМСМ.
Од АМСМ препорачуваат исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово - Стража, Демир Капија – Удово и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.