Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Двете фирми задолжени за зимско оддржување на улиците во Куманово од синоќа се на терен и работат на чистење на снегот, поради тоа нема проблеми во сообраќајот, тврдат од Општина Куманово.
Екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ ги расчистуваат булеварите, улиците, тротоарите и јавните површини во централното градско подрачје, додека „Кооп Инженеринг“ работи на отстранување на снегот од патиштата во приградските населби и селата во кумановско.
„На терен бевме синоќа од 21.30 часот па до 4 часот по полноќ, а од утринава повторно работиме интензивно. Сите улици се исчистени од снег и се фрла сол, како и средство за одмрзнување на тротоарите. Засега нема проблеми или застој на некоја од улиците. Ние ќе продолжиме со чистењето и во текот на денот“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Ненад Стојановски.
И од Секторот за комунални работи во Општина Куманово потврдуваат дека нема проблеми кои се создадени од неисчистениот снег, додаваат дека покрај со двете фирми кои се задолжени за зимско одржување на улиците, во постојана координација се и со МВР и со Центарот за управување со кризи.
„Засега се е под контрола, и се работи со предвидената динамика. Поради ниските температури се фрла сол по неколку пати за да не замрзнат улиците, бидејќи во спротивно ќе имаме сериозни проблеми. Немаме ни пријави од граѓани дека некаде има проблеми“, изјави Момчило Јовановски, раководител.
Утринава во 7 часот во Куманово беа измерени 3 сантиметри снег, следните неколку часа имаше интензивни врнежи, а во моментот снегот престана да паѓа.
Пред два месеци надлежните за одржување на улиците во градот кажаа дека оваа година снегот нема да ги изненади затоа што се подготвени со механизација и доволни количини на сол.