Мени

Со 280.000 евра ќе се реновира Визитинг центарот во Пелинце, советниците бараат комплексот прво да се заштити од поплави

09.03.2026 12:39 | Сузана Николиќ

Ќе се реконструираат сместувачките капацитети во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце преку проект за прекугранична соработка меѓу Куманово и Лесковац.

Со 280.000 евра ќе се реновира Визитинг центарот во Пелинце, советниците бараат комплексот прво да се заштити од поплави

Вкупната вредност на проектот изнесува 666.599 евра, од кои 499.570 евра се грант средства од Европската Унија, а останатите 167.029 евра се учество на партнерите – Општина Куманово со 92.333 евра и Лесковац со 74.695 евра.

„Предвидена е реконструкција и адаптација на Визитинг центарот – Пелинце, поточно собите за сместување, библиотеката, амфитеатарот, оштетениот покрив на објектот, стаклената купола, заедничките простории и санитарните јазли, како и затоплување на просториите и партерно уредување“, стои во објаснувањето на проектот.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Димитриевски, смета дека пред започнување на реконструкцијата треба да се изврши заштита од поплави на коритото на реката Пчиња – проблем со кој се соочува комплексот.

„Со превентивно решавање на овој проблем ќе се избегнат дополнителни трошоци за повторна санација по евентуални поплави, а воедно долгорочно ќе се обезбеди сигурност и економичност на инвестицијата. Имам сознанија дека ова не е прва интервенција, бидејќи таму има проблем со излевање на реката Пчиња. За да се оправда проектот, прво треба да создадеме услови“, изјави Димитриевски.

Раководителот на Секторот за евроинтеграции, Горан Митевски, кажа дека препораката на советникот е добра за да се алармираат државните институции кои треба да спречат поплавување на комплексот.

„Од овој проект, 280.000 евра се наменети за Општина Куманово, а 220.000 евра за Лесковац. Имаме уредна документација и одобрение за градење. Планирано е реализацијата да започне во март или април годинава“, изјави Митевски.

Тој додаде дека ова е прва реконструкција откако е изграден комплексот, и препорача да се воспостави соработка и со Општина Врање за регулирање на испуштањето на водата од реката Пчиња од браната која се наоѓа на нивна територија.