Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Делегатите на изборната конференција, синоќа со аплауз му дадоа подршка на новото раководство на општинската организација на СДСМ, предводено од претседателот Мартин Костовски.
Претседателството во наредните четири години ќе го сочинуваат: Зоран Колевски (44) од Клечовце вработен во ЈП“Водовод“, Оливер Илиевски (34) од населбата Перо Чичо, директор во Шпаркасе банка, Марко Живковиќ (25) вработен во Општина Куманово, Даниел Стојчевски (24) дипломиран правник невработен, Стојанче Величковиќ (46) инспектор во МВР, Иван Николовски (30) архитект во “Арс - инженеринг“, Видан Алексиќ (40) машински инженер во “Куманово-гас“, Бранислав Ивановски (51) лекар во сопствена амбуланта, Томица Илиќ (28) доктор по ветеринарна медицина, Марјан Спасовски (35) дипломиран правник во ЈП “Чистота и зеленило“, Александар Тушевски (31) доктор во амбуланта “Д-р Ѓоше“, Бојана Ивановска (27) професор по англиски јазик во СОУ “Перо Наков“, Милена Митковска (27) музички педагог во градинката “Ангел Шајче“, Соња Тодоровска (36) од Ајдучка чешма професор по македонски јазик во гимназијата “Гоце Делчев“, Александра Андоновска (36) доктор гинеколог-акушер во Градска болница во Куманово, Светлана Николиќ (56) негователка во градинката “Ангел Шајче“, Бисера Благојевиќ (29) новинар во Општина Куманово и Фросина Стојановска (32) од населба Карпош професор по македонски јазик во СОУ “Киро Бурназ“.
На Конференцијата новиот тим го претстави мандатарот Мартин Костовски, кој побара од соработниците масимално да се посветат на новите обврски во партијата.
Како приоритети во работата на СДСМ Куманово ќе биде следново: од нашите партиски другари ќе барам да ги активираат своите најдобри потенцијали, а не да прифаќаат нешто што им е непознато. Ќе мораме да се свртиме кон она најдоброто во нас и да ја направиме партиската структура место каде ќе се ценат и развиваат нашите вредности и потенцијали, а не нашите илузии и самобендисаност. Најголем акцент ќе се стави на враќање на стариот имиџ на СДСМ во Куманово, како партија која дава можности и нуди решенија. Креирање на позитивна клима во членството, како предуслов за влегување со поголем елан и жар во следните активности. Широко отварање на вратата на партијата за сите нови членови, за оние колебливи и пасивни и за оние кои некогаш и замериле на партијата. Ставање на општинската организација на услуга и сервис на граѓаните, како механизам преку кој граѓаните ќе ги решаваат своите проблеми - изјави Костовски.
Претседателот најави формирање на прес-центар, избор на нови раководства на форумот на жени, младинската организација и месните одбори, како и отпочнување на проекти за придобивање на нови членови и гласачи.
За секретар во партијата е назначен Томица Илиќ, Бисера Благојевиќ е задолжена за комуникација со медиуми, Стојанче Величковиќ за аналитика, Марјан Спасовски за спроведување на кампањата, а Оливер Илиевски за финансиите во партијата.
На изборната конференција присуствуваа 75 делагати од вкупно 132 и никој не се јави за дискусија. На присутните им се обратија поранешната претседателка Снежана Захариева, пратеникот Оливер Спасовски и градоначалникот Зоран Дамјановски.
Изборната конференција беше отворена за медиумите, но ја проследи само Kumanovonews.