Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во индустриската зона Речица, во близина на Куманово, денеска започна изградбата на логистички и дистрибутивен центар на германската компанија „Лидл“.
Комплексот се простира на 170 хектари, а самиот објект ќе биде со површина од 64.000 метри квадратни. Инвестицијата е вредна 80 милони евра и ќе се отварат нови 150 работни места.
„Денеска ја претставуваме нашата најголема инвестиција во Северна Македонија, нашиот логистичкиот центар. Лидл Северна Македонија е дел од меѓународното семејство на „Лидл“ и овде, заедно со нашиот тим, кој во моментов брои повеќе од 100 вработени, сакаме да го имплементираме искуството што го стекнавме во повеќе од 30 земји со ист стандард и ист квалитет. Ќе инвестираме околу 80 милиони евра само во изградба на логистичкиот центар за да создадеме модерен и одржлив објект, според најновите градежни стандарди. „Лидл“ е одговорен, сигурен и фер партнер и за купувачите и за своите добавувачи. Дел од нашата корпоративна политика е воспоставување долгорочна и сигурна соработка со локалните производители“ изјави Рубријан Хаџиев, генерален директор на „Лидл“ во Македонија.
Конструиран според современи технологии и приспособен за ефикасно работење во голем обем, логистичкиот центар ќе биде опремен со специјализирани машини, системи за автоматизација и логистичка опрема, целосно посветени на оптимизација на операциите. Логистичкиот центар дополнително ќе биде пример за одржливо и еколошко работење, ќе користи електрична енергија од обновливи извори на енергија и ќе биде опремен со фотоволтаични елементи кои генерираат вкупна моќност од приближно 1,7 MW.
Покрај претставниците на „Лидл“, на свеченоста присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и германската амбасадорка Петра Дрекслер.
За премиерот Ковачевски, работењето на „Лидл“ на македонскиот пазар значи потврда за вредноста и капацитетите на овој пазар и ја стимулира националната економија.
„Со инвестиција од 80 милиони евра и нови над 150 работни места во финалната фаза на нивното проширување, Лидл планира најголема, но и долгорочна инвестиција во нашата држава, која сметам дека ќе отвори големи перспективи како за нашата национална економија, така и за нашата држава која преку ваквите успешни бизнис модели ќе оствари поголем пробив на меѓународните пазари“, кажа Ковачевски.
За градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, подготвителните активности за градба значат и развој на индустриската зона Речица.
„Овој нов стопански капацитет,во иднина очекуваме да вработи над 150 луѓе, но и дополнително да ангажира голем број логистички и шпедитерски компании од градот, регионот, државата и пошироко со непречен транзит на стоки и добра, со што ќе придонесе за зголемување на БДП, не само во општина Куманово, туку и пошироко“, градоначалникот Димитриевски.
„Лидл„ Македонија е дел од компанијата за малопродажба Лидл, која е една од водечките компании во прехранбената индустрија во Германија и Европа. Лидл моментално работи со над 12.200 продавници и повеќе од 220 логистички центри и магацини во 31 земја.