Со линеарното зголемување од 1.000 денари оштетни се 318.000 пензионери, вели Тренчевска
Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, ја обвини Владата дека со предлогот за линеарно зголемување на пензиите за 1.000 денари им подготвува „историска измама“ на пензионерите, со која тие ќе бидат оштетени двапати, еднаш во септември и потоа во март следната година.

„Според сегашниот закон кој го донесе СДСМ, пензиите се усогласуваат двапати годишно, во март и септември, врз основа на растот на платите и трошоците за живот. Доколку Владата не го менуваше законот, пензиите во септември ќе се зголемеа за околу 5%. Тоа значи дека за пензија од 20.000 денари, зголемувањето ќе беше 1.000 денари, исто како и со линеарното, но за пензија од 25.000 денари, пензионерите би добиле 1.250 денари, а со новото решение добиваат помалку, само 1.000 денари“, изјави Тренчевска на прес-конференција.
Според пресметките на СДСМ, како што кажа таа, 92,5% од пензионерите, или над 318.000 граѓани, се директно оштетени со оваа одлука и ќе земат помалку средства отколку што им следува по закон.
„Дополнително, следното усогласување во март 2026 ќе се пресметува на помала основица, што значи дека и понатаму пензионерите ќе добиваат помалку од заслуженото. Со ова решение, Владата практично ги излажала и им ускрати од пензиите на пензионерите двапати“, рече поранешната министерка за труд и социјала.
Тренчевска додаде дека со ваквата одлука се нарушува принципот на правичност, секој да добива според својот придонес, и се испраќа порака дека вложувањето во пензискиот систем нема смисла, што го загрозува фондот.
„Анализата покажува дека денес на еден пензионер има само 1,6 работници, што е најлош однос досега, а дефицитот на фондот е над 47% и расте. Наместо Владата да го стабилизира системот, таа со популистички и манипулативни потези го уништува. Бараме Владата веднаш да го повлече овој предлог и да им ги врати на пензионерите парите што им следуваат, правично и согласно законот“, кажа Тренчевска.
Предлогот на Владата е ставен на дневен ред на денешната седница на Собранието.