Со повреда на главата се здобил пожарникарот во синоќешниот напад
Еден од тројцата пожарникари кои синоќа биле нападнати пред зградата на Територијалната противпожарна единица во Куманово се здобил со повреда на главата.
Тој побарал помош во Општа болница Куманово. „Во 18 часот во Ургентен центар примено е лицето С.С.. По извршениот преглед констатирана е лесна телесна повреда во пределот на главата, дадена е терапија и лицето е пуштено на домашно лекување“, информираат од болницата.
Нападот се случил вчера околу 17.45 часот. Според очевидци, му претходела банална расправија на раскрсницата на булеварот „Трета МУБ“ и улицата „ЈНА“, откако возило со тројцата напаѓачи ѝ го пресекло патот на цистерната на Противпожарната единица, која се враќала од терен. Кога пожарникарите пристигнале на паркингот, по нив дошле и напаѓачите. Настанала тепачка што ја слушнале и други вработени, кои притрчале да ги разделат. Била повикана полиција, која веднаш пристигнала и уапсила двајца од напаѓачите, додека третиот побегнал.
Во тепачката најмногу настрадал возачот на цистерната, кој се здобил со повреди на главата и бил пренесен во Ургентниот центар.
Од МВР соопштија дека се приведени двајца напаѓачи.
„Љ.Г. (32) и Ф.С. (32), двајцата од Куманово, се сомничат дека пред зградата на Територијалната противпожарна единица Куманово физички го нападнале С.С. (35) од Куманово, вработен во единицата. По целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави“, соопшти МВР.
По повод нападот реагираа Синдикатот на пожарникарите и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кои побараа кривична одговорност за напаѓачите поради напад врз службени лица.