Соборниот храм го слави патронот Свети Никола
Соборниот храм „Свети Никола„ денеска го слави патронот.

Литургијата утрово служеше владиката Кумановско-осоговски Јосиф, а голем број верници се помолија за здравје, среќа за себе и своите најблиски. На литургијата беше повикано верниците постојано да живеат во духот на христијанството и да прават добри дела по примерот на Свети Никола.
“Денеска го славиме неговиот живот, да спомнеме за неговите добри дела, да го следиме неговиот пример. Христијанинот мора постојано да свети со вера и со љубов. Да се биде христијанин во ова време, во времето кога живеел Свети Никола значело да се биде осуден на страдања, на малтретирања, понижувања, па дури и на маченичка смрт. Во тие тешки времиња масовно пристапувале на Христовата наука“- рече игумен Григориј од манастирот Свети Јоаким Осоговски од Крива Паланка пред присутните верници.
Отец Антониј Петрушевски од црквата “Свети Никола“ вели дека Свети Никола е заштитник на сите кои му се молат и му пристапуваат. Овој светец е еден од најпочитуваните во христијанскиот свет, познат по скромноста и дарувањето.
“Познат е по исполнувањето на Христовата заповед, твојата левица да не знае што прави десната рака. Многу се делата на големиот светител“- кажа Петрушевски.
Верниците денеска со посна трпеза ќе ги пречекаат гостите во своите домови.
“Риби, разни салати, баклави, ситни колачи, овошје. Да се држиме до традицијата, да ја почитуваме, тоа не одржало како нација. Тоа е патоказ за во иднина“- изјави Стојче Насевски, верник.
На литургијата верниците се причестија со светите Христови тајни.