Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Опозиционата коалиција „Сојузот за иднината“, на политичката конвенција во Куманово усвои декларација со која претстојните локални избори ги сметаат за нелегитимни и ги повикуваат граѓаните да ги бојкотираат.
Истовремено со други точки од декларацијата се обвразуваат дека во наредниот период ќе ја вратат земјата на вистинскиот демократски европски колосек, ќе ги вратат пратеничките мандати на денот на локалните избори и ќе извршат ревизија и поништување на локалните избори.
Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во своето обраќање, повтори дека опозицијата нема да оди на локалните избори и побара предвремени парламентарни избори.
Бараме да се одржат предвремени парламентарни избори. Само со нови парламентарни избори може да се обнови уништениот демократски легитимитет на Собранието и државните институции. Ние локалните избори ќе ги бојкотираме, не затоа што сакаме, туку затоа што мораме. Не затоа што не ни требаат наши градоначалници и наши општини, туку затоа што нашето учество без постигнат договор за предвремени парламентарни избори ќе значи нов легитиметите за оваа тоталитарна власт - изјави Црвенковски.
Тој во неговиот говор ги искоментира и барањата да си замине од партијата на Мајскиот конгрес.
Во изминатиов период се појавија душебрижници, почнувајќи од Никола Груевски, па се до секоја шуша, муша, на кои се друго во државата им е потаман, сите други проблеми ги решија, па единствена грижа и преокупација им е што ќе стане на Мајскиот конгрес на СДСМ. Прават анализи и цели екпертизи дали и кога ќе се повлечам. Решиле СДСМ од мене да ја спасуваат. Дваесет години со мене се расправаат со мене се фрустрираат со мене се комплексираат и пак ништо не научиле. Затоа сакам да им порачам и до мај и по мај, бил јас или не претседател, од мене за вас спас нема. Јас од оваа битка не се откажувам до крај до конечна победа – истакна Црвенковски.
На Конвенцијата зборуваа и претседателите на коалиционите партии Андреј Жерновски, Љупчо Георгиевски и Тито Петковски, и сите очекуваат скора смена на власта.