Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од половина советниците на СДСМ во Советот на Општината Куманово на денешната седница гласаа воздржано по точките што беа предложени од градоначалникот и локалната администрација.
Советниците од СДСМ Виктор Цветковски, Максим Димитриевски, Александра Георгиевска, Владимир Павловски, Зоран Колевски и Зекрет Ќазимовски, како и коалиционите партнери Тони Трајковски и Зоран Петрушевски не го подржаа предлогот за давање согласност за отпочнување на постапка за јавно-приватно партнерство на ЈП Куманово-гас, како и извештаите за финасиското работење на јавните претпријатија.
Дел од нив во дискусии го искажаа нивното несогласување околу одредени прашања со јавното-приватно партнерство и навестија дека не се согласуваат со решенијата во предлогот.
На самата расправа не добивме одговор на одредени прашања и дилеми, кои беа поставени. Сметаме дека не е потребно јавното приватно-партнерство во последната година од мандатот, бидејќи неможе да се заоклружи целиот процес. Преовлада концептот дека Куманово треба само да ја развива гасификацијата, со поголема и посериозна подршка на Општината- изјави Цветковски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски најави дека ќе продолжат сами да инвестираат Куманово-гас, независно од денешната одлука.
Ова беше добра идеја на локалната самоуправа и УО на претпријатието, но од нивни причини советниците одлучија да бидат воздржани. Ние имаме сили за поспор економски развој на Куманово-гас, меѓутоа во овој момент нашата цел беше да ја убрзаме инвестицијата. Тое е нивен личен став, и се надевам дека е инцидентен, и дека праксата нема да продолжи во наредниот период. Во овие 6 месеци немаме некои фундаментални разлики и ќе продолжиме да работиме по програмата што сме ја зацртале- изјави Дамјановски.
Претседателаката на СДСМ и советничка Снежана Захариева смета дека секој од советниците има право на свое лично мислење без оглед на тоа што се од иста политичка партија.
Секако дека не ми е драго, но доколку некој смета дека процесот на гасификација не треба да напредува, тогаш тоа е личен став. Ќе беше добро за граѓаните овој процес да продолжеше, бидејќи сведоци сме на глобална енергетска криза. Секако дека ќе разговараме и со коалиционите партнери, бидејќи проблемите треба да се надминат пред да се постават на дневен ред на седница. Сметам дека подобро ќе беше секој да си го искажеше ставот пред седница па ваква точка воопшто да не оди на седница на Совет. Ако постоеле проблеми, на координација требале да се решат, а не се изгуби толку време изминатите денови и денеска. Има некој проблем во комуникацијата дефинитивно, или едноставно сме влезени во предизборен период па секој на свој начин си го користи ова за свој личен маркетинг- смета Захариева.
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција истоа така беа воздржани по точката.
Расправата по точката за јавно-приватно партнерство траеше повеќе од 4 часа, а гласањето беше 14 за и 17 воздржани.