02. 07. 2020 13:48

Спасовски: Постигнувањата во Старо Нагоричане се доказ за рамномерен регионален развој

Спасовски: Постигнувањата во Старо Нагоричане се доказ за рамномерен регионален развој

Премиерот Оливер Спасовски денеска беше во работна посета на Општина Старо Нагоричане. Притоа истакна дека со градоначалничката Жаклина Јовановска разговарале за тековните проекти на општината кои што се реализираат со поддршка на разните програми на Владата насочени кон развојот на локалните самоуправи.

„Како што знаете, Општината Старо Нагоричане е со доминантно рурални карактеристики од кои произлегуваат и нејзините предности кои заслужуваат целосна поддршка. Како прво, тоа значи креирање на програми за поддршка на граѓаните од општината кои доаѓаат од програмите за рурален развој и за поддршка на земјоделството. Во таа насока се договоривме со градоначалничката Јовановска да ги зајакнеме започнатите заеднички активности кои се однесуваат на приближување на можностите до граѓаните земјоделци во општината за да ги влечат придобивките од владините програми за развој на земјоделството и руралниот развој. Тука е бесплатната зелена нафта и повратот на персоналниот данок за земјоделците, средства кои тие можат да ги реинвестираат во модернизација на нивните земјоделски дејности“, истакна премиерот Спасовски.

Тој потенцираше дека посебно сака да ја афирмира програмата за поддршката млади и на жени земјоделки за кои се определени средства и до 10.000 евра и истакна дека силен потенцијал има и ИПАРД програмите за финансирање во земјоделството и сточарството за што има бесплатна обука на фармери за поефикасно искористување на ИПАРД средствата.

„Се разбира, заради карактеристиките на територијата на општината, заради претежно планинските предели и оддалеченоста меѓу селата, посебна грижа во изминатиот период беше посветена на патната инфраструктурна мрежа. Во изминатите три години, како централна власт инвестиравме 1 милион 430 илјади евра за патната инфраструктура во општината: За рехабилитација на регионалниот пат Младо Нагоричане – Пелинце, и за регионалниот водовод за Младо Нагоричане, за којшто се почнати подготвителните активности и за кој се наменети 820 илјади евра. Во рамки на рамномерниот регионален развој, 10 проекти со вкупна вредност од 82 милиона 61 илјада 357 денари се завршени или се во фаза на реализација: за подобри услови за рурален развој, за развој на туризмот и мобилноста во Североисточниот плански регион, за заштита на животната средина, за подготвителни активности за повеќе локални патни правци. Никогаш како овие три години не се вложувало во нашата држава за рамномерен регионален развој. Постигнувањата во овој североисточен регион и во реонот на Старо Нагоричане го покажува тоа“, објасни премиерот Спасовски.

Тој изрази уверување дека Старо Нагоричане има особени предности во поглед на планинскиот, селскиот и културно-историскиот туризам.

„И самите го знаете значењето на Меморијалниот центар АСНОМ, потоа тука е манастирот „Св. Ѓорѓи“ од 11 век, која има огромно значење и претставува прекрасен примерок од средновековната византиска архитектура. Тука е и мегалитската опсерваторија Кокино, и сите овие културно-историски споменици, заедно со питомите природни убавини на околните планини, ја прават општината атрактивна туристичка дестинација. Затоа е многу важна поддршката на Владата што досега ја дававме за заштита на животната средина и подобрување на условите за живот во Североисточниот плански регион, за рурален развој, и развој на туризмот и мобилноста во општината и во регионот“, истакна премиерот Спасовски.

Тој акцентираше дека станува збор за сериозни проекти кој претставуваат силен аргумент и за прекуграничните проекти со  соседните држави Србија и Бугарија, и за пристап до високи финансиски средства од фондовите на ЕУ, за кои гарантира државата, и кои им стојат на располагање на општината за реализација на заеднички проекти во интерес на граѓаните од општината и регионот.

Градоначалничката Жаклина Јовановска во својата изјава изрази голема благодарност за посветеност на Владата за реализација на проекти со општините и подобрување на животот во руралните региони.

„Владата несебично се залагаше нашата општина која спаѓа во североисточниот регион како еден од најнеразвиените региони да помогне граѓаните да имаат еден достоинствен живот каков што заслужуваат бидејќи претходната власт воопшто не обрнуваше внимание на овој регион како да не постои. Старо Нагоричане е Општина од рурален тип којашто опфаќа голем број села коишто се од разбиен тип и ние реално без многу силна поддршка од Владата каква што добивавме и се надевам ќе добиваме не можевме да успееме да ги оствариме сите проекти кои ги наброи самиот премиер и верувам дека заедно со голема поддршка на граѓаните ќе го задржиме и во иднина темпото на инвестирање во сите аспекти на инфраструктурата и севкупниот развој на нашата општина и регион“, истакна градоначалничката Јовановска. 

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk