Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Шефот на Општинскиот изборен штаб на СДСМ, Оливер Спасовски, денеска на прес - конференција ја обвини власта дека предизборно ветува дислокација на Центарот за зависности од населбата Гоце Делчев, иако претходно тврдеше дека е ненадлежна за решавање на проблемот.
Ја дезинформираа кумановската јавност дека некој друг има ингеренции над Центарот за зависници. Вчера Никола Тодоров, министерот за здравство и кандидатот за градоначалник од ВМРО - ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски јавно признаа дека единствен виновник за тоа што не е дислоциран Центарот за зависници е ВМРО - ДПМНЕ и Груевски. При посетата на Куманово, министерот покажа дека е подготвен да го дислоцира центарот само за да купи некој глас повеќе за Ѓорѓиевски кој е во очај и лошо стои помеѓу граѓаните на Куманово. Тој што има најмногу плакати по градот на избори ќе добие најмалку гласови - изјави Спасовски.
Според него се шпекулира дека Центарот за зависности ќе биде преместен во населба „Перо Чичо„, со што граѓаните нема да се сложат и смета дека простор треба да се најде во болницата.
За посетата на амбулантата во „Перо Чичо„ каде еден лекар опслужува населба со 6000 жители, Спасовски рече дека во амбулантата треба да се инвестира бидејќи е во лоша состојба за што покажа и фотографии.
Спасовски е категоричен дека со лажни анкети кои јавно се презентираат деновиве власта сака да изврши притисок врз неопределните гласачи да гласаат во корист на Ѓорѓиевски.