Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лекарите специјалисти во Општата болница Куманово се жалат дека имаат двојно повеќе работа откако прегледите се закажуваат електронски, а притоа мораат да ги примаат и пациенти кои се итни случаи и немаат ни упат од матичен лекар.
Тие тврдат дека дополнителен проблем им претставува тоа што прегледите по електронски пат се закажуваат уште во 7 часот кога им започнува работното време, а имаат и редовен утрински колегиум. Поради тоа се создава гужва и незадоволство кај пациентите што мораат да чекаат.
Прво треба време кога ќе дојдеме на работа да се облечеме во униформа, нашата работа тоа го бара и по новите прописи. Потоа следи утрински состанок на кој се дискутира за тековните лежечки пациенти, дежурниот лекар пренесува случаи од преку ноќта за што треба време. Во тоа време ни се закажуваат пациенти за амбуланта. Не сите служби имаат амбулантски доктори кои се стриктно за амбуланта, тоа не е по нивна вина, туку персоналот е намален на сите одделенија- објаснува лекар од Општа болница Куманово.
Специјалистите велат дека при ваков хаос плаќањето по учинок е безмислено, бидејќи лекарите се преоптоварени со работа, а бројот на електронски закажани прегледи не е мерило за тоа колку сработиле.