Спортската сала во населбата Карпош чека употребна дозвола

25.01.2010 13:39 | KumanovoNews

 Шест месеци по пуштањето во употреба спортската сала "Панко Брашнаров" што ја градеше Агенцијата за млади и спорт во основното училиште "Магдалена Антова" во населбата Карпош сеуште не е во функција. Проблем е атестот на кровната конструкција на салата  поради што нема добиено употрена дозвола.



Спортската сала во населбата Карпош чека употребна дозвола

 -Агенцијата за спорт и млади која е финансиер на објектот треба да обезбеди да се атестира кровот. Тие се известени за сите недоследности во градбата и дел од нив во меѓувреме се отстранети, меѓутоа и понатаму најголем проблем останува атестот на челичната кровна конструкција - вели Лидија Ланг-Спасовска од Секторот за урбанизам во Општината Куманово.

  Без комплетна документација општинската комисија нема право да издаде употребна дозвола на објектот, а директорот на училиштето бара фирмата што ја градела салата да си ја заврши работата до крај, пред таа да почне да се користи. Тој посочува дека поради неквалитетната изработка ѕидовите во салата веќе почнале да се лупат однадвор и одвнатре од влагата, паркетот се подигнал па го прековувале, имало дефекти на инсталациите на вода и струја, а и приодот не е безбеден за децата.

Директорот во изминатиот период упорно ги информирал сите надлежни институции за проблемот, но од кабинетот на премиерот деновиве добил одговор дека прашањето за технички прием на спортскиот објект допрва ќе се проследи до надлежните.

  Салата во јули минатата година ја пушти во употреба токму премиерот Никола Груевски, го фрли првиот баскет и изјави:

-Поголемиот дел од училиштата во државата немаат спортски сали. На овој начин ги усмеруваме младите кон вистинскиот пат, наместо кон дрога и алкохол ќе бидат насочени кон спортот.Ние тоа го ветиве и ќе го оствариме.

Околу 800 ученици од основното училиште "Магдалена Антова" за кои е наменета салата, освен на отварањето сеуште не стапнале во неа, камоли да спортуваат. Часовите по физичко и оваа учебна година ги држат во училниците. Салата им капацитет за 500 гледачи, наменета e за различни спортови, а покрај за учениците требаше да ја користат  спортските клубови и граѓаните на Куманово.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk