Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Учениците од сите средни училишта во Куманово денеска протестираа против екстерното тестирање.
Тие околу 15 часот се собраа пред Гимназија “Гоце Делчев“, па оттаму продолжија на Градскиот плоштад поминаа пред зградата на општината и завршија пред подрачното Министерство за образование, каде го изразија својот револт што им се наметнува дополнително учење на крајот на годината.
Ако некој ученик цела година имал петка и на екстерно добие двојка, на крај ќе му остане таа оценка. Не е во ред. Треба да се цени трудот кој ученикот го вложувал цела година - вели Марија Стефановска, ученичка во “Наце Буѓони“.
За учениците е неприфатливо да се тестираат на материјал од цела учебна година.
Не може за еден ден да се научи материјал од цела година. За понеделник е планирано тестирањето. Ќе не тестираат по два предмети. Делумно имаме поддршка од професорите - додава ученичка од Гимназија “Гоце Делчев“.
И денеска родителите се потпишуваа на петицијата за укинување на екстерното тестирање.
Јас сум против затоа што детето може да е возбудено, да не е подготвено баш тој ден. Мојата внука е одлична од прво до седмо одделение и професорот знае дека таа учи постојано, дека е редовна. Сите сме луѓе и може и детето во тој момент да го фати трема и да покаже слаб резултат - објаснува Снежана Тодоровска, баба на ученик во основно образование.
Кумановските заедно со тетовските ученици се меѓу првите кои се побунија против екстерното тестирање.
Деновиве дел од професорите кажаа дека оценката од екстерното тестирање не е мерило за тоа колку еден ученик ја совладал наставната програма.