Една година од отворањето на српскиот конзулат во Куманово - Стајиќ: „Градиме мостови на пријателство меѓу двата народи“
Почесниот конзулат на Република Србија во Куманово одбележа една година од своето основање.
 
                  На свеченоста, почесниот конзул Владимир Стајиќ се осврна на активностите реализирани во изминатиот период, со кои, како што истакна, била продлабочена соработката меѓу српскиот и македонскиот народ.
„Како почесен конзул се потрудив Конзулатот во Куманово да биде вистински мост меѓу луѓето, културата и идеите. Со гордост можам да кажам дека реализиравме бројни проекти кои ја потврдија нашата посветеност на добрососедството, хуманоста и културната соработка. Помагавме на семејствата погодени од несреќата во Кочани, придонесовме за зачувување на духовното наследство на манастирот во Рајчица и обезбедивме континуирана поддршка за училиштата и образовните институции во Куманово. Ги поддржавме и културните здруженија кои со својата работа ја зајакнуваат заедницата и ги негуваат нашите вредности,“ рече Стајиќ.
Тој потсети дека минатата година бил одликуван со највисокото национално признание на Република Србија – златна медалја за исклучителни заслуги во зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји, која му ја врачи претседателот Александар Вучиќ.
Стајиќ изрази благодарност до министерот за култура Зоран Љутков за поддршката при отворањето на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, кој, како што рече, ќе прерасне во важно седиште на македонската култура, јазик и традиција. Тој најави дека следен чекор ќе биде отворање на ваков центар и во Скопје.
„Српскиот и македонскиот народ имаат долга историја на пријателство и братски односи. Денес тие врски се дополнително зајакнати преку исклучително добрата соработка меѓу владите на двете држави, која се одвива во духот на взаемна почит и заедничка посветеност кон европската иднина на регионот. Сакам да го истакнам и учеството на Македонија на ЕКСПО 2027, каде што нашата држава ќе има одлична локација за својот павиљон. Верувам дека нашите две земји ќе продолжат да градат мостови на пријателство, кои ќе траат со генерации. Благодарам на сите што беа дел од оваа успешна година, институциите, организациите, медиумите, пријателите и сите што ја препознаваат вредноста на нашето пријателство ,“ додаде Стајиќ.

На свеченоста присуствуваа вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, пратеници, советници, претставници од Амбасадата на Србија, како и бројни здруженија на граѓани и политички партии.



 
                   
                   
                   
                   
                  




