Мени

Поголеми плати за работниците, помали за функционерите, бара Синдикатот

28.01.2026 22:00 | KumanovoNews

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска одржа протест во Скопје, на кој побара минималната плата да се зголеми на 600 евра, како и зголемување на сите останати плати за 100 евра.

 

Поголеми плати за работниците, помали за функционерите, бара Синдикатот

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пред Собранието изјави дека ќе бара намалување на платите на избраните функционери.

„Ќе собереме 10.000 потписи и ќе станеме овластен предлагач на закони. Ќе бараме намалување на функционерските плати за 80 отсто и зголемување на минималната плата. Нема да дозволиме да си играте со работничката мака и пот, од чии даноци земате плата. Ако не ги зголемите работничките плати, ако не ја зголемите минималната плата, доаѓаме по вашите плати. Од даноците на работниците си го обезбедивте вашиот луксуз, кој не го заслужувате. Нема да ве молиме – ќе се бориме“, рече Трендафилов.

Претставниците на ССМ порачаа дека ќе продолжат со протести сè додека не се исполнат нивните барања, а најавија и можност за блокада на институциите, како и донесување одлука за генерален штрајк – првпат во историјата на државата во приватниот сектор.

Протестот започна пред Работничкиот дом, продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а заврши пред Владата, а беше поддржан од голем број на работници.