Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Срам да му е на премиерот и неговите министри што ги игнорираат нашите барања. Тие беа деца кога ние работевме и ја градевме земјава. Од наши плати издвојувавме придонеси за да се школуваат и стипендираат.
Забораваат дека на грбот на работниците кои денес се без работа и штрајкуваат со глад, се смрзнуваат тие станаа успешни луѓе. Нивните деца се школуваат на странски колеџи и универзитети, а тие збеснуваат со изградба на споменици во Скопје. Го делат народот на патриоти и предавници. Нивната арогантност и игноранција немаат мера. Срамота! - рече претседателката Лилјана Георгиевска.
Стечајните работници веќе два месеца опстојуваат на штрајкот во просториите на Регионалниот синдикат во Куманово. Исцрпени и понижени велат дека ќе останат доследни на своите барања и нема да се повлечат и покрај тоа што се игнорирани од власта.
Не посети заменик министер за труд и социјала, пратеничката Дарка Петрушевска и претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а останатите што беа на трибината не дојдоа да не видат. Има најави дека можеби ќе дојде некој до крајот на неделата, но не сме оптимисти. Нервите ни се многу истенчени. Секоја вечер додатно не нервираат препукувањата на телевизија за спомениците на плоштадот во Скопје, додека ние памет немаме како леб да им купиме на нашите деца - се жалат стечајците.
Повеќето Стечајци се со здравствени проблеми со висок притисок, срцеви заболувања и дијабетичари. Поради тоа што не се способни за работа бараат редовен месечен надомест од 6.000 денари.