Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија во соработка со Стопанска банка, на своите потрошувачи им нудат уште една креативна услуга, електронско плаќање на пост-пејд сметките.
Корисниците на Македонски Телеком и Т-Мобиле ќе имаат можност да ги плаќаат месечните сметки за интернет, телефон и телевизија преку интернет и преку мрежата на банкомати на Стопанска Банка.
“Сакавме на граѓаните да им го зголемиме изборот кога станува збор за плаќањето на сметките. Нудиме услуги кои ќе бидат достапни 24 часа за граѓаните, кои секако ќе ни донесат позадоволни клиенти кои секогаш ќе бидат први на ред“, изјави Ратка Неделковска, советничка за односи со јавноста на Стопанска банка.
Електронското плаќање се врши лесно и едноставно, без провизија и дополнителни трошоци. Потребен е само интернет пристап до веб страната “Мој Телеком“ и платежна картичка која се користи за електронско плаќање.
“Брендот Т-Мобиле уште еднаш ја изрази својата иновативност преку промовирањето на новите електронски услуги во соработка со Стопанска банка. Во согласност со модерниот начин на живеење и благодарение на најсовремените технолошки достигнувања, Т-Мобиле на своите клиенти и овојпат им понуди најдобра услуга“, изјави Верче Георгиевска Рупиќ, портпарол на Т-Мобиле.
Оваа услуга можат да ја користат сите граѓани при плаќањето на нивните пост-пејд сметки.