Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработените во Државно правобранителство Куманово денеска се приклучија на штрајкот на УПОЗ.
Прекинот на работата ќе трае до исполнување на условите, а тоа се потпишување на колективен договор со кој ќе добијат 30 отсто додаток на плата и донесување на Закон за правобранителска служба.
„Не постои закон за нашата служба, си има посебни закони за судовите и обвинителствата. Сметаме дека е неопходно донесување на еден ваков закон, но и колективен договор кој ќе гарантира 30 посто додаток на плата. Во штрајк остануваме до исполнување на условите“, истакна Фросина Марковска, рамноправен член на УПОЗ.
Во Куманово се работат само итните случаи, постапките за кои е донесена пресуда и течат роковите за жалби. Не се прима нова пошта и не се одвива ниту еден друг работен процес.
Одлуката за штрајк на вработените доаѓа откако Министерството за финансии не им одобри 30 проценти додаток на плата, односно не даде зелено светло за нивните колективни договори без кои тие не можат да го добијат додаток.
Од УПОЗ се на ставот дека вработените се дискриминирани во однос на оние од Службата за општи и заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат, во дел од здравство, образование и од финансии чии колективни договори се одобрени и им е овозможена исплата на овој додаток.
Во Државното правобранителство Куманово во штрајк се сите 11 вработени, а во институцијата работат и тројца правобранители кои се функционери, но го поддржуваат штрајкот.
За наредната недела се најавуваат протести на вработени во четири министерства, кои немаат потпишани колективни договори поради не добивањето на одобрение од Минситерството за финансии.