Странски експерти ќе ги проверуваат кардиолошките интервенции во приватното здравство по наводите на д-р Кедев
Министерството за здравство ќе формира комисија од тројца реномирани доктори од странство, која прво ќе изврши стручен надзор во приватните здравствени установи, по изјавата на д-р Кедев дека имало непотребни операции во приватното здравство.

Кардиохирургот д-р Сашко Кедев во интервју за Канал 77, кажа дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел да остварат профит, вклучувајќи и непотребни стентирања и операции.
Комисијата потоа ќе направи конторла и во јавноздравствените установи кои вршат кардиохируршки операции.
Министерот Азир Алиу на денешната прес конференција информираше дека стручната комисија ќе направи конторола и во јавноздравствените установи кои вршат кардиохируршки операции. Тој потенцираше дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ќе опфати и двонасочна размена на информации меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот МојТермин.
„Во националниот електронски систем МојТермин досега комуникацијата беше еднонасочна, но тоа мора да се смени. За еден месец сите приватни здравствени установи со допис ќе бидат обврзани да ги отворат базите и да го информираат Министерството за сите извршени прегледи и интервенции. Со тоа, ќе се добие јасна слика и за евентуални злоупотреби на системот и на финансиските средства“, посочи министерот Алиу.
Според податоците од МојТермин во 2024 година биле извршени вкупно 5.773 кардиолошки интервенции, а во 2025, досега, се извршени вкупно 3.556 интервенции.